Поранешната прва антикорупционерка, Димитровска ќе добие одвоено судење
Судечкиот совет не го прифати барањето на обвинителството за спојување на нејзината постапка со онаа на случајот „Адитив“...

За да не се влече со месеци по судови и да добие брза и ефикасна правда, поранешната прва антикорупционерка Татјана Димитровска ќе добие одвоено судење. Судечкиот совет не го прифати барањето на обвинителството за спојување на нејзината постапка со онаа на случајот „Адитив“.
Во образложението стои дека таа има право на судење во разумен рок, а ако се спојат постапките ќе биде изложена на долготраен судски процес. Адвокатот на Димитровска вели – судот донел правилна одлука.
На екс-претседателката на Антикорупциска ќе ѝ се суди за оддавање на службена тајна, односно дека на обвинет во „Адитив“ му давала информации од финансиски истраги. Но, иако нејзиниот бранител тврди дека информациите биле јавни и некласифицирани, обвинителот смета поинаку.
На Димитровска ѝ се става на товар и кривично дело компјутерски фалсификат, бидејќи ревизор од ДЗР во нејзино име полагал тест за сертификат за државна тајна.
Анита Димитријевска – Велковска
