Винскиот туризам се поатрактивен за странските гости

23.08.2014 18:11

Подрумите претворени во елитни ресторани кои некогаш беа привилегија само за богатите дипломати, сега нудат ретка можност за дегустација на најквалитетното македонско вино...

10 илјади туристи годишно, најмногу од Србија и Холандија ги посетуваат македонските винарии. Подрумите претворени во елитни ресторани кои некогаш беа привилегија само за богатите дипломати, сега нудат ретка можност за дегустација на најквалитетното македонско вино.

„Особено сме горди на оваа Станушина која е една од најстарите лозови прачки во овој регион и една автохтона македонска сорта на грозје  од која само ние правиме вино од неа“, вели Лазар Петров, менаџер за вински туризам.

Луксузните сместувачките  капацитети се се поатрактивни и за домашните гости кои сакаат да побеганат од градската врева.

„Кога веќе имаме винарии, кога веќе имаме обични алкохоли и вина, храна припремаме во фурна, во вршник, со години наназад, па така се роди таа идеја зошто да не направиме еден поинаков вид на туризам“, вели Билјана Трајковска сопственик на винарија.

„На годишно ниво производството на вино зависно од бербата се движи од 90 до 100 милиони литри вино произведено во 81 регистрирана винарија“, вели Елена Милошевска од здружението „Вина од Македонија“.

Во земјава има три вински региони. Годишно се произведуваат околу 100 милиони литри вино. Само 5% се точат на македонските софри.

64% од произведеното вино се извезува во Унијата, најмногу во Германија и Словенија. Винариите од овој бизнис лани заработиле 55 милиони евра.

Винските тури секоја година се промовираат на петнаесетина еминентни саеми во Франција, Русија, Америка, Германија, Австрија и Србија, а редовно влегуваат како најатрактивна понуда во каталозите на домашните туристички агенции што им се нудат на странските гости.

Анита Димитријевска