Голема воена парада во Кина
Кина ги покажа своите најнови оружја на голема воена парада во Пекинг по повод 80-годишнината од поразот на Јапонија во Втората светска војна. На церемонијата присуствуваа 26 шефови на држави и влади меѓу кои рускиот претседател Путин, севернокорејскиот Ким Џонг Ун, но никој од Западот. Кинескиот претседател во говорот истакна дека светот се соочува со избор, мир или војна. Американскиот претседател преку социјалните медиуми упати поздрави до Путин и Ким Џонг Ун обвинувајќи дека коваат заговор против САД.

Во услови на зголемени геополитички превирања, со голема воена парада Кина ја одбележа 80-годишнината од капитулацијата на Јапонија во Втората светска војна. Војската претстави ласерски оружја, нуклеарен интерконтинентален балистички проектил, подводни дронови и хиперсонични противбродски проектили. Особено внимание привлекоа „роботските волци“, способни за извидување на фронтот, доставување залихи и за извршување прецизни напади врз цели.
На церемонијата присуствуваа 26 шефови на држави и влади од Иран, Белорусија, Србија, Словачка, Куба, Мјанмар, Индонезија, рускиот претседател Путин, севернокорејскиот Ким Џонг Ун, но никој од западот.
„Денес, човештвото повторно се соочува со избор помеѓу мир и војна, дијалог и конфронтација, заемна корист и исходи без прогрес. Кинескиот народ цврсто стои на вистинската страна на историјата и на страната на напредокот на човечката цивилизација. Ќе се држиме до патот на мирен развој и ќе работиме рака под рака со луѓето од сите земји за да изградиме заедница со заедничка иднина за човештвото“, изјави Си Џинпинг, претседател на Кина.
Американскиот претседател го обвини кинескиот колега за заговор против САД со лидерите на Русија и Северна Кореја. Шефот на Белата Куќа потсети дека многу американци загинале во потрагата на Кина по победа и слава.
„Нека претседателот Си и прекрасниот народ на Кина имаат голем и незаборавен ден. Ве молам, упатете ги моите најтопли поздрави до Владимир Путин и Ким Џонг Ун додека коваат заговор против Соединетите Американски Држави.“-Објава на претседателот на САД, Доналд Трамп.
За Ким Џонг Ун ова беше прво појавување на голем настан и прво учество на севернокорејски лидер на кинеска воена парада по 66 години. Реагираа во Јужна Кореја.
„Моето лично мислење е дека колку повеќе се обидуваме да ја ограничиме Северна Кореја, толку повеќе таа ќе расте и добива моќ“, изјави жител.
„Гледајќи ја пошироката слика, мислам дека се здружија за да ги ограничат Соединетите Американски Држави, а не Јужна Кореја“, додаде друг.
Јапонија одби да ја коментира парадата, наведувајќи дека со Кина гради конструктивни односи. Кина не ја критикуваше војната на Путин во Украина за што беше обвинета од Западот дека ги помага воените напори на Москва преку снабдување со материјали со двојна употреба и купување руска нафта. Пекинг негира.
Маријана Димовска
