Кина

Голема воена парада во Пекинг по повод 80-годишнината од поразот на Јапонија во Втората светска војна

03.09.2025 17:45

Кина ги покажа своите најнови оружја на голема воена парада во Пекинг по повод 80-годишнината од поразот на Јапонија во Втората светска војна. На церемонијата присуствуваа 26 шефови на држави и влади меѓу кои рускиот претседател Путин, севернокорејскиот Ким Џонг Ун, но никој од западот. Кинескиот претседател во говорот истакна дека светот се соочува со избор, мир или војна. Американскиот претседател преку социјалните медиуми упати поздрави до Путин и Ким Џонг Ун обвинувајќи дека коваат заговор против САД...

Во услови на зголемени геополитички превирања, со голема воена парада Кина ја одбележа 80-годишнината од капитулацијата на Јапонија во Втората светска војна. Војската претстави најмодерно ласерско оружје за соборување дронови, нуклеарен интерконтинентален балистички проектил, подморници и патролни чамци, хиперсонични противбродски проектили. Особено внимание привлекоа „волци – роботи“ за извидување, доставување залихи и напади.

На церемонијата присуствуваа 26 шефови на држави и влади од Иран, Белорусија, Србија, Куба, Мјанмар, Индонезија, рускиот претседател Путин, севернокорејскиот Ким Џонг Ун, но никој од западот. Единствен од ЕУ беше словачкиот премиер Фицо.

„Човештвото повторно се соочува со избор помеѓу мир и војна, дијалог и конфронтација, взаемна корист и исходи без прогрес. Кинескиот народ цврсто стои на вистинската страна на историјата и на страната на напредокот на човечката цивилизација. Ќе се држиме до патот на мирен развој и ќе работиме рака под рака со луѓето од сите земји за да изградиме заедница со заедничка иднина за човештвото“, изјави Шји Џинпинг, претседател на Кина.

Американскиот претседател го обвини кинескиот колега за заговор против САД со лидерите на Русија и Северна Кореја. Шефот на Белата Куќа потсети дека многу американци загинале во Кина за време на Втората Светска војна.

„Нека претседателот Си и прекрасниот народ на Кина имаат голем и незаборавен ден. Ве молам, упатете ги моите најтопли поздрави до Владимир Путин и Ким Џонг Ун додека коваат заговор против Соединетите Американски Држави“, објави претседателот на САД, Доналд Трамп.

За Ким Џонг Ун ова беше прво појавување на голем настан и прво учество на севернокорејски лидер на кинеска воена парада по 66 години. Реагираа во Јужна Кореја.

„Моето лично мислење е дека колку повеќе се обидуваме да ја ограничиме Северна Кореја, толку повеќе таа ќе расте и добива моќ“.

„Гледајќи ја пошироката слика, мислам дека се здружија за да ги ограничат Соединетите Американски Држави, а не Јужна Кореја“.

Кина покажа најмодерно оружје, Западот е загрижен, но засега не коментира. Јапонија одби да ја коментира парадата, наведувајќи дека со Пекинг гради конструктивни односи. Кинеската армија брои два милиона активен персонал и околу половина милиони резервисти.

Маријана Димовска