Мисајловски: SEEBRIG е клучен инструмент за регионална безбедност и соработка
Министерот за одбрана Владо Мисајловски во обраќањето нагласи дека оваа мултинационална бригада, како дел од Процесот на соработка меѓу министерствата за одбрана на Југоисточна Европа (SEDM), претставува еден од најуспешните проекти за градење доверба, заедничка подготвеност и развој на капацитетите на земјите-членки.

Со свечена церемонија во касарната „Боро Менков“ во Куманово денеска беше одбележана 26-годишнината од формирањето на Бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG).
Министерот за одбрана Владо Мисајловски во обраќањето нагласи дека оваа мултинационална бригада, како дел од Процесот на соработка меѓу министерствата за одбрана на Југоисточна Европа (SEDM), претставува еден од најуспешните проекти за градење доверба, заедничка подготвеност и развој на капацитетите на земјите-членки.
„Работејќи заедно, рамо до рамо во регион кој се стреми кон мир, можеме да обезбедиме уште поголема безбедност и просперитет за нашите граѓани“, изјави Мисајловски. Тој посочи дека лоцирањето на командата на SEEBRIG во Куманово последните пет години е доказ за силната определба на земјата кон регионална соработка и поврзување на вооружените сили.
Министерот истакна дека државите во рамки на SEEBRIG ги делат истите вредности – мир и просперитет, особено значајни во време на геополитички промени и неизвесност.
На настанот беше упатена благодарност до досегашната претседавачка на Секретаријатот на SEDM, Симона Кожакару, а успех ѝ беше посакан на нејзиниот наследник амбасадорот Елефтериос Ангхелопоулос.
SEEBRIG е формирана во 1998 година во Скопје и низ годините беше домаќин на бројни мировни мисии, меѓу кои и ISAF мисијата во Авганистан, како и на 14 големи вежби „Seven Stars“.
Во 2026 година командата повторно ќе се пресели во Истанбул.
