Претседателката Сиљановска-Давкова го додели признанието „Инженерски прстен“
Во предворјето на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник на свечена церемонија претседателката Давкова ги награди најдобрите студенти – дипломци на техничките факултети. За првениците оваа престижна награда е поттик да продолжат со научно истражувачката дејност. Годинава со златен инженерски прстен се закитија 14 првенци...

На свечена церемонија на платото пред Светиклиментовата црква на Плаошник, традиционално беа доделени признанијата „Инженерски прстен“. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, ги награди најуспешните студенти кои дипломирале на македонските факултети што негуваат инженерски дисциплини.
Во своето обраќање Давкова, на добитниците на ова престижно признание, им порача да се докажуваат и натпреваруваат во светот, но секогаш да се враќаат во татковината, а тоа денес е лесно со дигитализацијата.
„Вие сте идните технолошки лидери. Образованието и науката, воопшто не се само професорска, истражувачка и студентска, обврска. Нивниот обем, квалитет и домет се резултат на содејството меѓу образованието. Образованието, науката, политиката и општеството. Затоа нам ни треба координирана, одговорна и развојна образовна политика“, рече претседателката Сиљановска Давкова.
„Се надевам овој прстен, доделен од Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, за сите нас ќе биде потсетник дека секоја една дејност што ќе започнеме мора да биде изградена на теме или на одговорност и почит кон човекот и природата. Убедена сум дека низ нашата кариера, чекорејќи низ инженерските патишта, ќе ја оправдаме честа, Харитина Сакова добитник на инженерски прстен.
Во времиња кога светот се менува со трескавично темпо, најпотребни му се млади визионерски умови.
„Ние од вас очекуваме да гледате уште подалеку и да создавате нови хоризонти поместувајќи ги границите на просечното Инженерството и архитектурата не се само професии, тие се повик да се гради, да се создава, да се осмислува иднината“, рече Кристинка Чулак, претседателката на Комората на овластени архитекти и овластени инженери.
„Денес вие излегувате на сцена во еден свет што се менува со невидена брзина. Климатски промени, енергетската транзиција, дигитализацијата, вештачката интелигенција, сите овие предизвици и можности чекаат на нова генерација инженери кои не само што ќе ги разберат, туку и ќе ги водат овие промени. Македонија има потреба од вас“, рече Андреј Лепавцов - претседател Инженерската институција на Македонија.
„Инженерски прстен“ се доделува по 22. пат, а годинашни добитници се 14 најуспешни дипломирани студенти од четири државни универзитети во земјава.
Соња Рилковска
