Уставните судии не се под јурисдикција на соседни политичари, вели претседателката Сиљановска-Давкова за бугарското писмо до ЕУ
Шефот на бугарската дипломатија Георгиев со писмо до неговите колеги од земјите-членки на Европската унија дека не е можно да се промени договорениот европски консензус. Софија очекува Македонија да ги исполни своите обврски на патот за членство во ЕУ. Уставните судии не се под јурисдикција на соседни политичари – претседателката Сиљановска-Давкова за бугарското писмо до ЕУ. Смета и дека нема потреба од нова декларација за црвени линии за евроинтеграциите што СДСМ најави дека ќе ја поднесе во Собранието...

Проблемот за статус-квото во преговорите е во тоа што Македонија „чека“ наместо да „работи“-ова е сегмент од официјалното писмо кое бугарскиот шеф на дипломатијата Георг Георгиев го испратил до своите колеги, министрите на земјите-членки на Европската унија. Тој изразува загриженост за како што вели, одбивање на земјава да ги исполни своите обврски, и уверува дека нема нови услови надвор од постигнатиот консензус. Но, Софија гледа и провокација.
„Иницијативата за оценка на уставноста на Протоколот од Договорот за добрососедство со Бугарија, поднесена до Уставниот суд од поранешната пратеничка Лилјана Поповска се непотребна провокација и правна апсурдна постапка во координација со владејачката ВМРО-ДПМНЕ“, оценува во писмото Георгиев.
Во однос на наводите на бугарското МНР, шефицата на државата Сиљановска-Давкова вели дека нашите судови не се под јурисдикција на политичари од соседството и оти одлуките не се коментираат.
Претседателката смета и дека нема потреба од нова декларација за црвените линии каква што најави СДСМ. Сиљановска-Давкова им порача на сите политички партии да седнат во Собранието и да се договорат како ќе настапуваат надвор од државата.
„Не разбирам што значи црвена линија во овој поглед, особено не ја разбирам аргументацијата дека доколку сепак посегне соседот по вето, ние тогаш ќе ги прекинеме преговорите. Ако лидерите на опозицијата и лидерите на сите партии зборуваа во еден глас дека мислиме вака и вака, дека ова е најдобро решение, сигурно поинаку ќе се однесуваа кон нас. Ама да слушате аргументација – предложија уставни измени со одложено дејство, не им ги прифатија. Првиот човек на Европската унија Кошта за измените со одложено дејство рече дека се извонреден потег“, изјави претседателката Сиљановска-Давкова.
Се огласија и од СДСМ, од каде што велат дека Сиљановска-Давкова со ова покажала дека не е претседател на сите граѓани. „Наместо државнички пристап, наместо да ја поддржи иницијативата за национален консензус во клучен момент за евроинтеграциите, таа ја нападна идејата на СДСМ за резолуција со јасно дефинирани државни позиции и црвени линии“, велат социјалдемократите.
Марина стојанова-Тонева
