Состанок на „Коалицијата на подготвените“ во Париз
Околу 30 други европски лидери се вклучуваат онлајн, а попладне е планиран и телефонски разговор со Трамп. Ќе се проценува какви повоени безбедносни гаранции би можеле да обезбедат САД за Украина...

Зеленски во Париз на состанок со „Коалицијата на подготвените“, заедно со неговиот домаќин и колега Макрон, претседателката на ЕК фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО Руте. Околу 30 други европски лидери се вклучуваат онлајн, а попладне е планиран и телефонски разговор со Трамп. Ќе се проценува какви повоени безбедносни гаранции би можеле да обезбедат САД за Украина.
„Денес сме во момент кога Франција, како и другите земји, навистина сака да донесе мир што е можно поблиску. За жал, досега не видовме никакви сигнали од Русија дека сакаат прекин. Но, сигурен сум дека нашиот сојуз со Европа и со Америка ќе ни помогнат да го зголемиме притисокот врз Русија да се движи кон дипломатско решение“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
„Ние Европејците, сме подготвени да им обезбедиме безбедносни гаранции на Украина и на Украинците на денот кога ќе се потпише мирот, ова е обврската што ја презедовме во Вашингтон. Сега е потребно да се утврди искреноста на Русија и нејзината посветеност кон мировни преговори, искажана кон САД“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Зеленски ја одби понудата на Путин да се сретне со него во Москва нарекувајќи ја неприфатлив предлог. Рускиот лидер се закани, ако преговорите со Киев не успеат, целите ќе ги постигне со војна.
