Протести во Израел, Хамас подготвен за договор
Во Израел протести против владата на Нетанјаху. Барања за прекин на војната и ослободување на сите заложници. Израелскиот премиер со обвинување дека црвените линии се преминати. Хамас подготвен за сеопфатен договор за прекин на огнот...

Ескалираа протестите во Ерусалим – демонстрантите се спротивставуваат на владиниот повик за мобилизирање резервисти за проширената операција во Газа. Се бара крај на војната и ослободување на заложниците. Полицијата употреби водени топови да ја растера насобраната толпа која ги блокираше улиците. Уапсени неколку лица.
„Само ти Нетанјаху можеш да одлучиш да ги вратиш утре, тоа е во твои раце. Но, ти избираш тие да продолжат да страдаат, да ги напуштиш и да нè напуштиш сите нас“, изјави Анат Ангрест, мајка на заложник.
„Нема да направиме компромис дури и ако не спиеме две години, ќе стоиме тука покрај вашиот прозорец додека не ги вратите“, вели Вики Коен, мајка на заложник.
Нетанјаху ги обвини демонстрантите дека ги преминале црвените линии откако пред неговата резиденција се палеа гуми, автомобили и контејнери. Поради пожарот евакуирани и жители од околните згради.
„Во демократијата, демонстрациите се легитимна работа. Но, она што се случува во финансираните, организирани, политички демонстрации против владата ги прекрши сите граници. Тие уништуваат имот, блокираат патишта, прават милиони граѓани несреќни. Секој ден се закануваат дека ќе ме убијат мене и моето семејство“, изјави Бенјамин Нетанјаху • премиер на Израел.
Додека се зголемува домашниот и меѓународен притисок врз премиерот, израелските сили и натаму ја гаѓаат Газа.
„Го погледнав синот, го најдов како лежи на земја. Куршум го погодил во половината. Против кого се бори Нетанјаху? Објавува дека се бори против Хамас, но се бори против деца, невини луѓе кои немаат никаква врска со ништо“, рече Башир ал-Хинди, татко на жртва.
Турција уште еднаш го осуди тековното насилство во енклавата.
„Никогаш нема да стоиме настрана и да го гледаме масакрот што го извршува тиранинот познат како Нетанјаху“, изјави Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.
Американскиот претседател Трамп, пак, го повика Хамас веднаш да ги ослободи заложниците ако сакаат војната да заврши. Групата ја повтори подготвеноста за сеопфатен договор со Израел – ослободување на сите израелски заложници во замена за палестински затвореници. Предлага и формирање независна технократска администрација за управување со Газа, но вели – на потег е Израел.
Бојана Крстевски
