Хамас повтори дека е подготвен за сеопфатен договор за Газа, жестоки протести во Израел
Жестоки протести и судири во Ерусалим пред резиденцијата на Нетанјаху. Демонстрантите бараат крај на војната и враќање на заложниците. Гнев предизвика и мобилизацијата на резервисти. Премиерот ги обвини демонстрантите дека ги преминале црвените линии. Во меѓувреме, Хамас прати абер дека е подготвен за сеопфатен договор за Газа.

Ескалираа протестите во Ерусалим – демонстрантите се спротивставуваат на владиниот повик за мобилизирање резервисти за проширената операција во Газа. Се бара крај на војната и ослободување на заложниците. Полицијата употреби водени топови да ја растера насобраната толпа која ги блокираше улиците. Уапсени неколку лица.
„Само ти Нетанјаху можеш да одлучиш да ги вратиш утре, тоа е во твои раце. Но, ти избираш тие да продолжат да страдаат, да ги напуштиш и да нè напуштиш сите нас“, изјави Анат Ангрест, мајка на заложник.
„Нема да направиме компромис дури и ако не спиеме две години, ќе стоиме тука покрај вашиот прозорец додека не ги вратите“, изјави Вики Коен, мајка на заложникот.
Нетанјаху ги обвини демонстрантите дека ги преминале црвените линии откако пред неговата резиденција се палеа гуми, автомобили и контејнери. Поради пожарот евакуирани и жители од околните згради.
„Во демократијата, демонстрациите се легитимна работа. Но, она што се случува во финансираните, организирани, политички демонстрации против владата ги прекрши сите граници. Тие уништуваат имот, блокираат патишта, прават милиони граѓани несреќни. Секој ден се закануваат дека ќе ме убијат мене и моето семејство“, вели Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Додека се зголемува домашниот и меѓународен притисок врз премиерот, израелските сили и натаму ја гаѓаат Газа.
„Го погледнав синот, го најдов како лежи на земја. Куршум го погодил во половината. Против кого се бори Нетанјаху? Објавува дека се бори против Хамас, но се бори против деца, невини луѓе кои немаат никаква врска со ништо“, вели Башир ал-Хинди, татко на жртва.
Турција уште еднаш го осуди тековното насилство во енклавата.
„Никогаш нема да стоиме настрана и да го гледаме масакрот што го извршува тиранинот познат како Нетанјаху“, рече Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.
Американскиот претседател Трамп го повика Хамас веднаш да ги ослободи заложниците ако сака крај на војната. Групата ја повтори подготвеноста за сеопфатен договор со Израел – размена на сите заложници за палестински затвореници и формирање технократска администрација во Газа, но чека потег од Израел.
Од кабинетот на Нетанјаху одговорија – станува збор за манипулација, војната ќе заврши дури кога Хамас ќе се разоружа, Газа ќе се демилитаризира и ќе се воспостави израелска безбедносна контрола додека се создаде алтерантивно цивилно управување.
Бојана Крстевски
