Безбедносни гаранции за Украина
Европски безбедносни гаранции за Украина. „Коалицијата на подготвените“ на состанок во Париз. Макрон ги пречека Зеленски, Фон дер Лајен, Руте. Попладнево планиран и телефонски разговор со Трамп...

„Коалицијата на подготвените“ во Париз проценува какви повоени безбедносни гаранции може да се обезбедат за Украина. На состанокот кај Макрон, присутни Зеленски, претседателката на ЕК, Фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО, Руте. Околу 30 други европски лидери присутни онлајн. Планиран е и телефонски разговор со Трамп, кој изјави дека ќе продолжи да се залага за постигнување мирно решение меѓу Москва и Киев.
„Денес сме во момент кога Франција, како и другите земји, навистина сака да донесе мир што е можно поблиску. За жал, досега не видовме никакви сигнали од Русија дека сакаат прекин. Но, сигурен сум дека нашиот сојуз со Европа и со Америка ќе ни помогне да го зголемиме притисокот врз Русија да се придвижи кон дипломатско решение“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Макрон подготвен да обезбеди политичка поддршка за договори што може да помогнат за завршување на војната.
„Ние европејците сме подготвени да им обезбедиме безбедносни гаранции на Украина и на украинците на денот кога ќе се потпише мирот, ова е обврската што ја презедовме во Вашингтон. Сега е потребно да се утврди искреноста на Русија и нејзината посветеност кон мировни преговори, искажана кон САД“, изјави Емануел Макрон – претседател на Франција.
Русија ги осуди барањата на Киев за безбедносни гаранции во рамки на мировно решение за конфликтот и ги нарече „гаранции за опасност за европскиот континент“.
„Русија нема планови да разговара за распоредување странски трупи во Украина во кој било формат и тоа го смета за неприфатливо. Тоа не се гаранции за безбедност за Украина, туку гаранции за опасност за целиот европски континент“, вели портпаролката на руското МНР, Захарова.
Зеленски ја одби понудата од Путин да се сретнат во Москва, нарекувајќи ја неприфатлив предлог. Русија се закани – ако преговорите со Киев не успеат, целите ќе ги постигне со војна.
Катерина Бојаџиева
