Билатерална средба на директорите на царинските управи на Македонија и Црна Гора
Особен акцент беше ставен на дигитализацијата на царинските постапки во Црна Гора, како и на можностите за примена на добрите практики од кои Македонија ќе извлече искуства во процесот на усогласување со европските стандарди.

Меѓусебна размена на искуства на патот кон интеграција во Европската Унија, зајакнување на царинската соработка помеѓу Македонија и Црна Гора, како и подобра комуникација и размена на податоци во реално време со цел побрза реакција на службите, зголемена безбедност во регионот и олеснување на меѓународната трговија.
Ова беа главни теми на билатералната средба одржана во Подгорица помеѓу директорот на Царинската управа на Македонија, Бобан Николовски, и директорката на Царинската управа на Црна Гора, Маја Вучиниќ, на која учествуваа и експертски тимови од највисокото раководство на двете институции.
„Оваа средба произлезе од потребата да размениме искуства во процесот на дигитализација и усогласување на царинската легислатива со законодавството на ЕУ, и претставува можност да воспоставиме системска соработка во иднина – во интерес на зајакнување на безбедноста во регионот и подобрување на конкурентноста на економиите на двете земји“, истакна директорот Николовски.
Особен акцент беше ставен на дигитализацијата на царинските постапки во Црна Гора, како и на можностите за примена на добрите практики од кои Македонија ќе извлече искуства во процесот на усогласување со европските стандарди.
Двете страни ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната и регионалната соработка, како и силната посветеност на реализација на стратешките приоритети за економски развој и интеграција на регионот, соопштуваат од Царинската управа.
