Повици за разрешница на случајот „АНБ“
Премиерот Мицкоски очекува Обвинителството да го расчисти случајот со прислушувањето за да се стави крај на злоупотребата на службите. По ВМРО-ДПМНЕ, денеска и од СДСМ побараа итна седница на собраниската комисијата, како и декласификација на документацијата...

Обвинителството и судот докрај да го истражат случајот со прислушувањето за еднаш засекогаш да се стави крај на злоупотребата на ресурсите на АНБ и на Агенцијата за разузнавање. Ова го порача премиерот Мицкоски, откако во јавноста се појави информација дека шефот на Владата, како лидер на најголемата опозициска партија, пет години бил прислушуван од тајните служби.
Од СДСМ бараат итна декласификација на документацијата поврзана со случајот, бидејќи како што велат, без докази се обвинети за прислушување, а со цел јавноста да се манипулира. И пратеничката група на социјалдемократите бара свикување на Комисијата за надзор над работата на АНБ, за да се направи увид во документите, за и јавноста да знае што се случувало.
И додека поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски демантира дека Мицкоски бил следен, Обвинителството за организиран криминал веќе проверува кој сè бил таргет. Засега информации не споделуваат бидејќи случајот е во предистрага, но велат дека наредби за посебни истражни мерки се издаваат само за кривични дела кои се строго пропишани со закон.
Анита Димитријевска – Велковска
