Економија

Мицкоски очекува до крајот на годината растот да изнесува над 4%

04.09.2025 19:23

Со раст на бруто-домашниот производ од 3,4 проценти во вториот квартал годинава Македонија го дели третото место со Хрватска, според постигнатиот раст меѓу европските држави и е пред сите држави во регионот...

Со раст на бруто-домашниот производ од 3,4 проценти во вториот квартал годинава Македонија го дели третото место со Хрватска, според постигнатиот раст меѓу европските држави и е пред сите држави во регионот, вели премиерот Христијан Мицкоски. Потенцираше дека економијата бележи раст од над три проценти четири квартали во низа. Очекува раст на економијата и над четири проценти до крајот на годинава.

„Ова е веќе четврти квартал кога имаме раст на бруто- домашниот производ од повеќе од 3%. Првиот квартал на оваа влада беше третиот од минатата година, кога имавме раст од 3%, па во четвртиот 3,2%, па во првиот од оваа година 3,2% и сега е 3,4%. Очекувам до крајот на годината да имаме и квартал кога ќе ја пробиеме границата од над 4%, со што уште еднаш ќе ги демантираме конструкциите и лагите на опозициските партии дека на економијата не ѝ одело добро“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Според податоците за БДП што ги објави Државниот завод за статистика, во второто тримесечје од година, поголем пораст е забележан во секторите: градежништво, трговија на големо и трговија на мало, рударство, преработувачка индустрија; снабдување со електрична енергија и др.

Според податоците на Евростат, во второто тримесечје од 2025 година, големите членки на Европската унија забележаа умерен раст: бруто домашниот производ во еврозоната порасна за само 0,1 %, додека целата Европска унија бележи 0,2 % раст.

Марина Стојанова-Тонева