Почина модниот великан Џорџо Армани на 91 година

04.09.2025 15:36

Тој беше едно од најпрепознатливите имиња во светската мода, а во јуни годинава за прв пат во својата кариера ја пропушти Миланската модна недела заради здравствени причини. Овој месец требаше да организира голем настан по повод 50-годишнината од својата модна куќа „Giorgio Armani“.

Италијанскиот моден дизајнер Џорџо Армани, човекот кој ја претвори суптилната елеганција во светска модна империја вредна милијарди, почина на 91-годишна возраст, соопшти неговата модна куќа.

Армани починал во својот дом во Милано. Тој беше едно од најпрепознатливите имиња во светската мода, а во јуни годинава за прв пат во својата кариера ја пропушти Миланската модна недела заради здравствени причини. Овој месец требаше да организира голем настан по повод 50-годишнината од својата модна куќа „Giorgio Armani“.

Кариерата на Армани започна во доцните 1970-ти години, кога со едноставни јакни, панталони и урбани тонови создаде препознатлива опуштена силуета што ја стави италијанската мода на светската карта.

Тој ги облекуваше богатите и славните, од директорските канцеларии до холивудските ѕвезди. Неговите смокинзи и вечерни фустани редовно блескаа на црвените теписи за време на сезоната на награди, оставајќи траен белег во модната историја.