Свет

Состанок на „Коалицијата на подготвените“ во Париз

04.09.2025 18:26

26 земји се обврзале за повоени безбедносни гаранции за Украина. Војниците ќе бидат присутни на копно, на море или во воздух, но нема да се стремат да водат војна против Русија.

Во момент кога се интензивираат битките, а Русија ги јакне воените капацитети долж линијата на фронтот, нов состанок на „Коалицијата на подготвените“ во Париз. 26 земји се обврзале за повоени безбедносни гаранции за Украина. Војниците ќе бидат присутни на копно, на море или во воздух, но нема да се стремат да водат војна против Русија.

„Имаме 26 земји кои формално се обврзаа – некои сè уште ја разјаснуваат својата позиција. Овие сили немаат волја или цел да водат некаква војна против Русија, но се сила која мора да гарантира мир. Ќе бидат распоредени во рамките на прекинот на огнот, не на фронтовската линија, туку во географски подрачја што ќе бидат дефинирани. Во наредните денови ја финализираме американската поддршка“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

„Сè уште не сум подготвен да зборувам за бројките, иако, да бидам искрен, веќе знаеме приближен број на оние кои веќе се согласиле. Присуството може да биде различно, на небото, по море или на копно. Многу сме благодарни на Америка за поддршката и за тоа што е дел од безбедносните гаранции за Украина. Па, што се однесува до тоа во кој формат, сè уште не сум подготвен да ви кажам детално“, рече Володомир Зеленски, претседател на Украина.

За Русија е неприфатливо распоредување на странски трупи во Украина во кој било формат. Москва се закани – ако преговорите не успеат, целите ќе ги постигне со војна. Руската разузнавачка служба објави дека Германскиот канцелар Мерц издал наредби за прикривање на вмешаноста на Берлин во испораката на крстосувачките ракети „Таурус“ во Украина.

„Русија нема планови да разговара за распоредување странски трупи во Украина во кој било формат и тоа го смета за неприфатливо. Тоа не се гаранции за безбедност за Украина, туку гаранции за опасност за целиот европски континент“, вели портпаролката на руското МНР, Захарова.

Русија и Кина инвестираат во армиите не за да се фалат на воени паради, туку за да можат агресивно да го шират влијанието, мора да бидеме подготвени, став на генералниот секретар на НАТО.

„Правиме притисок за крај на војната на Русија против Украина и да осигураме за долгорочен мир. Треба да се осигураме дека кога ќе почнат разговорите, украинскиот претседател ќе знае дека има целосна поддршка од САД, Канада, Европа, од сите нас во НАТО, но и од земјите надвор од НАТО“, нагласи Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

Американскиот претседател Трамп останува посветен на постигнување мировен договор и покрај тоа што призна дека ниту една страна во моментов не е подготвена да се вклучи во преговори.

Маријана Димовска