Собрание

Гаши закажа седница за прислушувањето, Комисијата за надзор над АНБ и АР ќе заседава утре

04.09.2025 19:00

Со седницата ќе претседава пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, за утре во 11 часот закажа седница на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР). Тема ќе бидат сомнежите за незаконско прислушување во АНБ во периодот од 2019 до 2024 година.

Со седницата ќе претседава пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска.

Иницијативата дојде по јавниот повик на членот на Комисијата, пратеникот Љупчо Пренџов, кој побара итен состанок за да се утврди датум за официјална посета во АНБ и директен увид во состојбите. Според него, станува збор за сериозни сомнежи кои ја нарушуваат довербата во институциите и демократијата.

Претседателот на Комисијата, Скендер Реџепи, пак, одби да ја свика седницата, велејќи дека е дискриминиран затоа што повеќе од една година нема одговор на барањето за безбедносен сертификат, што го оневозможува пристапот до класифицирани информации.