Македонија

ОДИХР започнува со мониторинг на локалните избори

05.09.2025 08:15

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, најави дека ќе се одржи првата средба со претставниците на мисијата, со што формално ќе почне нивната работа. Набљудувачите ќе бидат во постојана комуникација со ДИК и ќе присуствуваат на сите јавни седници на Комисијата.

Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР денеска официјално започна со набљудување на локалните избори 2025, откако Државната изборна комисија (ДИК) вчера едногласно ги одобри акредитациите за 14 меѓународни набљудувачи.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, најави дека ќе се одржи првата средба со претставниците на мисијата, со што формално ќе почне нивната работа. Набљудувачите ќе бидат во постојана комуникација со ДИК и ќе присуствуваат на сите јавни седници на Комисијата.

На вчерашната седница, ДИК ги усвои првите две барања за акредитација – за шест и за осум набљудувачи. Дополнително, беа изгласани измени во регистарот на медиумите (радиодифузери, печатени и електронски медиуми, како и интернет портали) кои ќе известуваат за изборите.

Комисијата разгледа и 34 барања за изземање на членови на Општинските изборни комисии, а на нивно место беа назначени нови лица.

Првиот круг на локалните избори, за избор на градоначалници и членови на советите во 80 општини и во Град Скопје, ќе се одржи на 19 октомври. Вториот круг е закажан за 2 ноември во општините каде што нема да има победник во првиот круг.