Украина

26 земји подготвени да гарантираат мир по војната

05.09.2025 08:26

Франција го поддржа потегот, но Полска, Италија и Романија најавија дека нема да испраќаат трупи. Претседателот Макрон најави дека наскоро ќе се финализира американската поддршка и предупреди на заеднички санкции со САД ако Русија одбие мировни преговори.

На состанок на „Коалицијата на подготвените“ во Париз, 26 земји се обврзаа да распоредат свои сили во Украина како дел од безбедносни гаранции. Франција го поддржа потегот, но Полска, Италија и Романија најавија дека нема да испраќаат трупи. Претседателот Макрон најави дека наскоро ќе се финализира американската поддршка и предупреди на заеднички санкции со САД ако Русија одбие мировни преговори.

„Доколку Русија продолжи да одбива конкретни мировни преговори, тогаш ќе воведеме дополнителни санкции заедно со САД и ќе дадеме јасни одговори на ова одбивање да се продолжи понатаму“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

Германскиот канцелар Мерц призна дека Западот погрешно го проценил конфликтот. Американскиот претседател Трамп побара Европа веднаш да престане со купување руска нафта. Најави дека планира да разговара со рускиот колега Путин во наредните денови.

„Ќе разговарам, да. Водиме многу добар дијалог. Решив седум војни. Но, онаа за која мислев дека можеби ќе биде една од најлесните поради мојот однос со Путин и со Украина, сепак испадна малку потешка. Но, ќе го завршиме тоа“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Зеленски изјави дека „корејскиот модел“ за прекин на војната не е прифатлив за Украина. Русија се спротивстави на присуство на странски сили, но генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, порача дека Москва нема право да одлучува за тоа.