Украина

26 земји гарантираат мир по војната во Украина

05.09.2025 10:06

Американскиот претседател Трамп побара Европа да престане да купува нафта од Русија за да заврши војната во Украина. 26 земји се подготвени да испратат мировни сили во Украина по завршувањето на војната. Русија повтори дека се спротивставува на сили во Украина, и дека Зеленски одбил директни преговори со Путин во Москва...

Додека мировните преговори за ставање крај на војната во Украина стагнираат, американскиот претседател бара Европа веднаш да престане со купување руска нафта за конфликтот да може да заврши. Откако на состанокот на „Коалицијата на подготвените“ во Париз, 26 земји се обврзаа да распоредат свои сили во Украина како дел од безбедносните гаранции, Трамп најави дека во наредните денови планира да разговара со рускиот колега Путин.

„Ќе разговарам, да. Водиме многу добар дијалог. Решив седум војни. Но, онаа за која мислев дека можеби ќе биде една од најлесните поради мојот однос со Путин и со Украина, сепак испадна малку потешка. Но, ќе го завршиме тоа“, истакна американскиот претседател, Доналд Трамп.

Полска, Италија и Романија најавија дека немаат намера да испраќаат трупи, додека францускиот претседател Макрон изјави дека наскоро ќе се финализира американската поддршка, предупредувајќи на заеднички санкции со САД ако Русија одбие мировни преговори.

„Доколку Русија продолжи да одбива конкретни мировни преговори, тогаш ќе воведеме дополнителни санкции заедно со САД и ќе дадеме јасни одговори на ова одбивање да се продолжи понатаму“, порача францускиот претседател, Емануел Макрон.

Кремљ соопшти дека засега нема план за разговори со Трамп, но не ја исклучија можноста тој да се организира. Нагласија дека Зеленски го одбил повикот на Путин за средба во Москва и повторно се спротивставија на присуството странски трупи во Украина, потсетувајќи на причините за војната.

„Зборуваат за гаранции за безбедноста на Украина преку воведување на европски сили. Да се вратиме на причините за конфликтот. Главната причина беше обидот на НАТО да навлезе во Украина, што ја доведе нашата земја во опасност. Значи, ние ова го препознаваме како директна закана за нас“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Песков потсети дека Зеленски го одбил повикот на Путин за средба во Москва, иако бил повикан да разговара, а не да капитулира.

„Верувам дека ако сакате средбата да не се случи, тогаш веројатно мора да ме поканите во Москва. Тоа што Русија почна да зборува за состанок не е лошо, но сепак, сè уште не ја гледаме нивната желба да ја завршат војната“, изјави украинскиот  претседател, Володимир Зеленски.

Наспроти дипломатијата, војната на фронтот продолжува да беснее. Од двете страни обвинувања за напади и соборени дронови.

Бојана Крстевски