Филм

„Силјан“ на Тамара Котевска со престижна награда во Венеција

05.09.2025 11:03

„Силјан“ е документарна бајка инспирирана од македонскиот фолклор и ја следи приказната за земјоделец кој пронаоѓа повреден бел штрк, создавајќи врска што станува метафора за надежта и човечкиот опстанок.

Документарниот филм „Силјан“ на двојно оскар-номинираната режисерка Тамара Котевска освои врвно признание на Венецијанското биенале – „Cinema and Arts Award“ („Наградата на Музата“). Филмот беше дел од официјалната секција „Out of Competition“ и во конкуренција од 20 дела беше прогласен за најинспиративен филм на фестивалот.

„Силјан“ е документарна бајка инспирирана од македонскиот фолклор и ја следи приказната за земјоделец кој пронаоѓа повреден бел штрк, создавајќи врска што станува метафора за надежта и човечкиот опстанок.

Котевска изјави дека овој проект е нејзин најголем предизвик: „Филм започнат со лична страст и инволвираност за две години прерасна во уметничко дело поврзано со моите корени и култура.“

Филмот доби одлични критики од водечките светски медиуми. „Hollywood Reporter“ го опишува како „апсолутен шармер“ со мајсторска кинематографија и повеќеслоен музички запис, додека официјалниот критичар на фестивалот вели дека има универзалност и длабочина слична на „Honeyland“.

„Силјан“ годинава блесна и на фестивалот во Торонто, потврдувајќи го успехот на македонската документарна школа на најголемите светски сцени.