Уште едно лице со обвинение за трагедијата во дискотеката „Пулс“

05.09.2025 13:30

Обвинителскиот тим кој постапува во предметот во врска со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против уште едно лице за сторени тешки дела против општата сигурност. Обвинетиот се товари дека не постапил според прописите и техничките правила за заштита и со тоа предизвикал опасност за животот на луѓето и имотот од големи размери …

Александар Нацев, сопственик на компанијата РУБИКОН СЕКЈУРИТИ СОЛУШН увоз-извоз ДООЕЛ Скопје, е триесет и петтиот обвинет за трагедијата во дискотеката „Пулс“. Тој заедно со другите обвинети од оваа компанија задолжена за обезбедување на објектот, се товарат дека обезбедување вршеле без да имаат склучено писмен договор со угостителскиот објект „Клуб Пулс“, а на критичниот ден, 16-ти март тројца вработени во агенцијата со важечки лиценци за приватно обезбедување и еден обвинет без лиценца, биле задолжени да го обезбедуваат објектот во Кочани без да извршат претходна безбедносна проценка со проверка по однос на сигурносните услови на објектот, опасностите и можностите за евакуација во случај на опасност, без проверка на влезови и излези и нивна исправност, во услови на преполнетост на капацитетот на посетители, информираат од Јавното обвинителство.

„Доказите обезбедени во текот на истрагата укажуваат дека обвинетиот Нацев имал главна улога во обвинетото правно лице, раководел со агенцијата и давал директни инструкции на обвинетите кои критичната вечер биле ангажирани како обезбедувачи. Обезбедени се докази дека по пожарот во Кочани тој презел активности за формирање ново правно лице со седиште во Струмица, со основна дејност физичко обезбедување на имот и лица, а со цел да ја продолжи дејноста повторно затскривајќи се формално-правно во раководењето зад друго одговорно лице. Нацев е со мерка на претпазливост – куќен притвор, но заради можните ризици за негово целосно обезбедување во текот на постапката Јавното обвинителство до судот достави и предлог за продолжување на сите определени мерки и забрани“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.

Во несреќата во Кочани загинаа 62 лица. Со тешки телесни повреди се здобиле 157, а со телесна повреда се здобиле 65 лица.

 

Славица Величковска