Образование

Јаневска: Вештачката интелигенција влегува во училиштата

05.09.2025 17:42

Учебниците за основно образование се комплетни и се во ред, со исклучок на математиката за четврто одделение и историја за осмо, за кои сè уште постојат предизвици, вели министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Додава и дека во училиштата влегува и вештачката интелигенција, како дел од владините напори за следење на светските трендови за подобрување на квалитетот на образованието …

Речиси сите учебници за основното образование се комплетирани и се во ред, вели министерката за образование и наука Весна Јаневска. Сепак, вели таа, предизвици остануваат со учебникот по математика за четвртото одделение и на нив треба дополнително да се работи. Предизвик останува и учебникот по историја за осмо одделение, кој беше повлечен уште во 2018-та година, на барање на Македонско-бугарската мешовита комисија, а претходната власт не најде за сходно да издаде нов учебник сите овие години.

Сега пак, вели Јаневска, неоправдано е да издаваме нов учебник за само една година, со оглед на тоа што од следната, осмоодделенците ќе учат по новата програма.

Во меѓувреме, во училиштата влегува вештачката интелигенција. Ова е дел од напорите на владата за следење на светските трендови, со цел подигање на квалитетот и ефикасноста на образованието, велат од ресорното министерство. Подготвен е и водич за наставници, стручен кадар и ученици, со цел максимално користење на алатките на вештачката интелигенција.

Зборувајќи за одливот на македонските студенти во странство, Јаневска вели дека освен реформи во високото образование, потребни се и реформи во општествениот систем, во кој долго ништо не беше сторено, додека истовремено беше негувана пропагандата дека патриотизмот е негативна појава.

Ресорната министерка го поддржува и барањето на македонските студенти за зголемување на износот за студентски оброк, кое според неа, би можело да се реализира догодина.

Марија Котовска