Лекарка призна вина во случајот „Онкологија“
Лекарката од Онкологија мери Пешевска призна вина и им се извини на пациентите. Прстот го впери кон ексдиректорот Васев кој не се чувствува одговорен што болни добивале несоодветна терапија...

Терапии со недозволени дозирања се давале на тешко болни од канцер, кои не само што не им помогнале, туку им ја влошувале состојбата, истакна обвинителката во воведниот говор за случајот „Онкологија“. Поранешниот директор Никола Васев и уште тројца колеги-онколози свесно ја злоупотребиле довербата на пациентите, тврди Обвинителството.
„Обвинетиот Никола Васев како лекар, свесно и систематски постапувал неетички, предизвикувајќи тешко нарушување на здравјето на пациентите. Направил повеќе временски поврзани кривични дела, грубо кршејќи ги стандардите и онколошките процедури“, изјави Ана Гоговска-Јакимовска, јавна обвинителка.
Одбраната на Васев тврди дека е скроен заговор против ексдиректорот.
На иста линија, уште двајца колеги на Васев. Не се чувствуваат виновни, затоа што сакале да им помогнат на пациентите. Единствено второобвинетата Мери Пешевска призна вина, која прстот го впери токму во Васев.
„Одговорно тврдам дека мојот печат сум го оставала на шалтер за да го користат специјализантите. Ја прифаќам вината, преземам одговорност и сакам да им се извинам на оштетените“, стои во исказот на Мери Пешевска – обвинета во случајот „Онкологија“.
На Васев и на поранешниот економски директор Нухи ќе им се суди во друга постапка за злоупотреба на службената положба и за проневера во службата. Обвинителството штетата врз буџетот ја процени на 2,2 милијарди денари.
Анита Димитријевска – Велковска
