ОБСЕ ја почна набљудувачката мисија за локалните избори
ОБСЕ почна со набљудувањето на локалните избори. Шефот на мисијата со 13 експерти од денеска почнаа со состанок во ДИК. Пред изборите ќе пристигнат 250 краткорочни набљудувачи за мониторинг на целиот изборен процес. Партиите во Собранието ќе усвојат декларација за фер, слободни и демократски избори…

ОБСЕ почна со набљудувањето на локалните избори. Мисијата предводена од Матео Мекачи се состои од 13 меѓународни експерти, 24 долгорочни набљудувачи што ќе видат распоредени низ целата држава од 11-ти септември и 250 краткорочни набљудувачи кои ќе пристигнат пред денот на гласањето. ОДИХР ќе го оценува изборниот процес и неговата усогласеност со обврските на ОБСЕ и други меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, како и усогласеноста со националната легислатива.
„Набљудувачите ќе го следат процесот на регистрација на гласачи, регистрација на кандидати, активностите на изборните кампањи на терен и онлајн, работата на изборната администрација и други релевантни државни органи, употребата на технологијата во изборните процеси, спроведувањето на правната рамка, политичкото и кампањско финансирање и решавањето на изборните спорови. Тие ќе ја оценат и примената на претходните препораки на ОДИХР. Сеопфатното следење на медиумите е составен дел на набљудувачката мисија“, велат од ОДИХР.
Во меѓувреме, во Собранието е поднесена предлог-декларација за фер, слободни и демократски избори. Во пресрет на изборите што ќе се одржат на 19-ти октомври, Собранието го изразува своето натпартиско единство за одржување на фер, слободни и демократски избори, за граѓаните да можат непречено да го остварат своето избирачко право.
Ирина Гелевска
