Интеграции

Софија бара исполнување на преземените обврски

05.09.2025 18:15

По изборниот период повторно ќе разговараме за да го придвижиме процесот на интегративниот процес на Македонија, изјави во Софија претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Тој смета дека е разумно земјава да добие гаранции дека ќе нема нови условувања, како чекор кон градењето доверба. Софија реагира на иницијативата пред Уставен за вториот протокол, бара исполнување на преземените обврски.

По изборниот период, повторно ќе разговараме за процесот за европската интеграција на Македонија, во претходниот имав постојана комуникација со претседателот Радев и со премиерите Жељазков и Мицкоски, во Софија изјави челникот на Европскиот совет, Кошта. Тој додаде и дека е лично ангажиран и потсети-во 2022-та европскиот совет се согласи со условите на европската интеграција за северна Македонија којашто сега, вели Кошта, треба да испорача. Притоа и Македонија треба да добие соодветни гаранции.

„Ја разбирам нивната фрустрација. Веќе го имаат променето уставот, го сменија и знамето, дури го променија и името на државата и природно е да очекуваат да се заврши процесот на донесувањето на одлуката. Но што е потврдено е потврдено, што е договорено е договорено, и тие треба да испорачаат. Истовремено е неопходно да се гради доверба за да се осигури северна Македонија дека она што сега го бараме, во иднина веќе нема да го бараме“, изјави Антонио Кошта-претседател на Европскиот совет.

Останува непроменлив ставот на официјална Софија усвоен во народното собрание годинава, оцени шефот на бугарската влада. Нема ревизија на Договорот за добрососедство и е непотребно укинувањето на протоколот во договорот.

„Верувам дека барањето на уставниот суд на република северна Македонија во однос на потпишаниот протокол од договорот за добрососедство е апсолутно неоправдан и непотребен. Протоколот предвидува годишен преглед на спроведувањето на договорот, и е дел од договорот за добрососедство како и од консензусот постигнат во 2022“, изјави Росен Жељазков-премиер на Бугарија.

Уставниот суд, највисоката инстанца во земјава, оформи предмет за вториот протокол поради штетноста врз идентитетските прашања на македонскиот народ и откако утврди дека не е, согласно законот, усвоен во Собранието. Пред два дена на писмото на Софија до Брисел, реагираше и претседателката Сиљановска-Давкова.

„Уставните судови се дури и надвор од поделбата на власта. Внатре во државата сигурно не се под јурисдикција на соседни политичари. Ако некој покренал постапка во Уставниот суд, Уставниот суд ќе реши дали има основ за негово проследување. А одлуките на уставните судови и во Бугарија и во Македонија се конечни и извршни и не се коментираат“, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Претседателката укажа и дека Македонија од најразлични причини досега 37 пати го менувала уставот. Поради поранешни и сегашни билатерални блокади, земјава сè уште ги нема отворено поглавјата за преговори, иако е кандидат за членство во унијата од 2005 година.

Зоран Богатинов