Се зголемува интересот за изучување на францускиот јазик
Меѓународната организација на Франкофонијата, чија членка е и Македонија, во интензивна кампања за промоција на францускиот јазик и култура. Како резултат на перманентните обуки и промоции, зголемен е бројот на Македонци кои сакаат да го изучуваат францускиот јазик. Во пет училишта во државата веќе е воведена двојазична настава.

Се зголемува интересот во Македонија за изучување на францускиот јазик, како резултата на активностите на Меѓународната организација на Франкофонијата. Нивна главна цел, во моментов е овој интерес да го зголемат и кај децата, користејќи методи на неформално образование.
„Преку нив, учениците незабележително ќе го учат францускиот јазик. Во рамките на овие обуки се пее, се игра, се црта, се работи рачно, а имаме дури и театар“ изјави Ив Денизо, специјалист по дидактика.
Како резултата на активностите на франкофоните, пет училишта се вклучени во просктот за рано изучување на француски јазик.
“Ги предаваме поимите кои напоредно ги изучуваме со содржината која ја предаваме на тој час. Сето тоа е издифиренцирано во определена возраст и направено е според наставниот план, програма и содржините кои ги работиме“, истакна Славица Димитриевска, одделенски наставник.
„На часот по предметот математика, конкретно за прва година, кога познавањата на учениците се минимални, се почнува со вокабулар, со едноставни дефиниции, едноставни изрази со кои се поставуваат задачите“, објаснува Наташа Праматарова, наставник по математика.
Главна заложба на Франкофоните и Министерството за образование е францускиот јазик да се воведе во угостителските струки.
“Веќе имаме двојазични паралелки во средното угостителско училиште во Скопје. Сега правиме напори тоа да се прошири во други градови, односно во други училишта од таа струка“, потенцира Марија Николова, координатор за франкофонија при МОН.
Македонија од 2006 година е официјална членка на Меѓународната организација на франкофонија. Токму ова членство и активностите го зголемија интересот за францускиот јазик и култура.
„Родителите, веќе почнуваат да бараа и во најмала возраст да се изучува францускиот јазик. Кога велам, најмала возраст, мислам на градинките“, вели Снежана Петрова, претседател на Здружението на професори по француски јазик.
Инаку, францускиот јазик е втор по употреба , по англискиот. Тој се зборува во 52 држави во светот и е мајчин јазик на 77 милиони луѓе, а 192 милиони него го зборуваат како странски јазик.
Оливера Жежова
