Околу 700 илјади руски војници се наоѓаат на украинска територија, борбите не запираат
Околу 700 илјади руски војници се наоѓаат на украинска територија, борбите не запираат. Продолжува дебатата за безбедносните гаранции по војната. Шефот на Белата куќа уверува дека се подготвени за гаранции и покрај тоа што Путин предупреди дека сите странски трупи на украинска почва ќе се сметаат за легитимна цел. Сепак рускиот претседател не се противи Украина да се приклучи на ЕУ. Брисел задоволен од одлуката....

Русија и Украина ги продолжија нападите во екот на дебатата за тоа кој ќе гарантира мир по војната. САД ќе ги изработат безбедносни гаранции за Украина, ќе помогнат, но поголемиот товар оди на Европа, став на шефот на Белата куќа. Трамп објави дека неговата земја ќе биде домаќин на самитот на Г 20 следната година во неговиот голф клуб во Флорида, а би бил многу среќен ако претседателите на Русија и Кина бидат дел од состанокот.
„Ќе им помогнеме. Сакаме да спасиме многу животи, па ќе направиме нешто со тоа. Мислам дека луѓето го очекуваат тоа. Европа ќе биде прва што ќе влезе, тие сакаат да бидат први и да го видат крајот. Европа сака да го види крајот и ќе заврши. Ќе заврши. Одеднаш ќе се среди“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
На состанокот на „Коалицијата на подготвените“ во Париз, 26 земји се обврзаа да распоредат свои сили во Украина како дел од безбедносните гаранции. Путин испрати предупредување до Западот дека сите странски трупи на украинска почва, вклучително и оние од НАТО-Алијансата, ќе се сметаат за легитимни цели за уништување. Сепак шефот на Кремљ, рече дека неговата земја нема да се спротивстави доколку Украина се приклучи на ЕУ.
„Важно е сите да ја гледаат Украина како дел од Европската унија. Ова е навистина голема промена. Членството во ЕУ е безбедносна гаранција. Ова важи и за економската и за геополитичката безбедност. Конечно слушаме сигнали од Русија дека сега го прифаќаат членството на Украина во Европската Унија. Штета што ја согледуваат реалноста со толку доцнење“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
„Јасно е дека полноправното членство на Украина во Европската Унија не е само најдобрата безбедносна гаранција, туку е и најефикасниот пат за просперитет и за иднината за украинскиот народ“, изјави Антонио Коста, претседател на Европскиот совет.
Моментално, околу 700.000 руски војници се наоѓаат на територијата на Украина, тврди Главната дирекција за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина. Поголемиот дел од руските војници се концентрирани во регионот Донецк. Трамп најави дека во наредните денови планира да разговара со рускиот колега Путин, нешто што Москва не го отфрла како можност. Од Кремљ потсетија дека Зеленски го одбил повикот на Путин за средба во Москва. „Не можам да одам во Москва кога мојата земја е под ракети, под напад, секој ден. Путин може да дојде во Киев“, став на украинскиот претседател.
Маријана Димовска
