Охрид: Угостителските услуги поскапи од лани
Најевтиното еспресо со атрактивен поглед на брегот на Охридското Езеро може да се испие за околу 100 денари, а најскапото кафе може да ве чини и повеќе од 250 денари. Цените на угостителските услуги повисоки од лани. Најскапи на менито се охридските риби...

Цените на угостителските услуги се различни зависно од локацијата, луксузноста на објектот, погледот и близината на езерото, но факт е дека ова лето се доста повисоки. Најевтиното кафе во центарот на Охрид е 100 денари, соковите од 120 до 250 ден, пиво од 150 до 300 денари. Просечен оброк во рестораните по лице од 350 до 800 ден. Највисока цена во менијата е резервирана за охридските риби. Килограм пастрмка од 4000 ден нагоре, белвица од 2500 дена нагоре.
За странските туристи цените се прифатливи, но за охриѓани и домашните гости е скапо.
„По-скапо е, за туристите да биде. Па да, на пример, кај нас е 80, тука е 160 цената на кафе сок. Цената на кафе, сок, да, дупло, јадењето е дупло“.
„Па зависи каде, некаде се поскапи, некаде поевтини“.
„Мислам дека е доста евтино. Ние доаѓаме од Холандија, цените овде се доста прифатливи за нас. Дали јадевте охридска риба? Не“.
„Овде цените се добри, особено за европските туристи, добри цени“.
Доаѓаме овде 12 години. Дали јадевте охридска пастрмка? Да, многу убаво“.
Од хотелско угостителскиот еснаф велат цените се поскапени согласно трошоците, но сè уште се прифатливи и најниски во опкружувањето.
„Цените, има секакви цени, може да забележите и многу високи цени, но се забележуваат и попристојни цени на некој делови, што не се прва линија, да кажеме, на езерото. Како што знаеме, се е поскапено од работната сила, од набавните материјали“, вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.
Туризмолозите велат најважно е цената да содејствува со квалитетот на услугите. Со подобра понуда да се привлекуваат туристи со подлабок џеб.
Соња Рилковска
