Венецуела

Растат тензиите меѓу САД и Венецуела откако Трамп нареди жестока борба со венецуелските нарко-картели

06.09.2025 13:46

Растат тензиите меѓу САД и Венецуела откако претседателот Трамп нареди жестока борба со венецуелските нарко-картели. Пентагон го нарече многу провокативен потег, прелетувањето на венецуелските авиони над американскиот брод. Венецуелскиот претседателот Мадуро повика да се сочува мирот во Јужна Америка.

Пентагон го нарече многу провокативен потег, прелетувањето на венецуелските авиони во близина на бродот на американската морнарица. Во писменото соопштение апелираат до Каракас да не презема никакви понатамошни напори за попречување на операциите против нарко-бандите што ги спроведува Американска армија. Ако не доведат во опасна позиција, венецуелските авионите ќе бидат соборени, предупреди и претседателот Трамп.

„Би рекол дека ќе бидат во неволја, нека го знаат ова. Но, ако го сторат повторно, ние можеме да правиме што сакаме. Доколу тие летаат во опасна позиција, капетаните можат да донесат одлука каква што е потребна. Не сакам да зборувам за тоа. Но, ако нè стават во опасна позиција, ќе бидат соборени“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

Во време на зголемени тензии со САД, венецуелската влада почна со регрутирање полициски и воени сили. Потпретседателот на Националното собрание вели дека тие се подготвуваат да го гарантираат мирот, а не бараат војна. Претседателот Мадуро со апел да се сочува мирот во Јужна Америка.

„Планираат да извршат максимален притисок, а претседателот одговара со максимална подготвеност. Дали сакаме војна? Не, не сакаме. Кој би сакал војна? Сакаме мир, но ќе се подготвиме за да го гарантираме мирот на целата територија“, изјави Педро Инфанте – потпретседател на Националното собрание.

„Оваа лага е толку скандалозна и погрешна, како онаа дека Ирак имал оружје за масовно уништување. Тоа е лага, го кажувам ова за американската јавност. Можеби имаме разлики во нашите начини на размислување, нашата политика, економија, не ве молам не дозволувајте да бидете измамени од уште една братоубиствена војна во јужна Америка и Карибите. Јужна Америка и Карибите сакаат мир“, изјави Николас Мадуро – претседател на Венецуела.

Тензиите меѓу Вашингтон и Каракас ескалираа откако САД елиминираа брод за кој американските власти тврдат дека превезувал дрога од Венецуела. Трамп предупредува дека ќе продолжи со воените напади за спречување на протокот на нелегални наркотици од латиноамериканските нарко-картели.

Маја Стојанова