Планинари од Италија ја истражуваат Шар Планина
На само 18 километри од Тетово, Попова Шапка е бегство од високите температури. Освен тетовци деновиве свежината ја најдоа и туристи од повеќе европски земји. За многумина од нив овој туристички центар е појдовна точка за планинрските тури. Нашиот Зоран Јованоски ви пренесува зошто Попова Шапка е атрактивна и во лето.

Врвовите над Попова Шапка деновиве се предизвик за странските планинари. Група од педесеттина италијански туристи ја искористија Шапка како појдовна точка за да ги истражат Титов Врв, Јелак, Лешница. Меѓу нив е и Симона Барбара Салтери кој е воодушевена од Шар Планина.
„Овде сум за да одам на планинарење. На одмор сум и многу го сакам регионов и народот. Многу сме добро пречекани. Во Македонија сум само два дена и сеуште не сум видела се. Од една организација ми предложија да ја посетиме Македонија. Бев многу инспирирана од таа понуда“, вели Симона Барбара Салтери, планинар од Италија.
Десеттина степени пониската температура ги привлекува и домашните туристи за бегство од градскиот метеж и горештини. Низ чистиот воздух струјат мирисите на природата, а сонцето блеска на синото небо.
„Во моментов има 11 степени помалку отколку во Тетово. Да ја избегнеме градската врева и врелина. Чистиот воздух е најдобар за сите. Еве дојдени сме со децата“, вели турист од Тетово.
Шар Планина е меѓу ретките планински масиви во Европа кои изобилуваат со ендемски растителни и животински водови.
Мирисот на кантарионот, дивото нане, мајчината душица, ги привлекува берачите на билки. При крај е и бербата на боровинките кои овде ги има во изобилство.
Ова лето на Попова Шапка се почести турите со странски туристи. Со професионалните водичи на планина од тетовските планинарски клубови ги посетуваат најживописните предели на падините на Шара.
„Доаѓаат туристи од Косово, Албанија, Чешка, имаме и од Словенија, Хрватска, доаѓаат и туристи од Германија“, рече Беким Скендери – Угостител.
Манастирскиот комплекс е посветен на Свети Наум Охридски Чудотворец. Најмногу верници привлекува кога се прославува летниот и зимскиот патрон. Во јули 1992 година официјално е отпочната неговата изградба. Една година подоцна извршено е мало осветување. Сега претстои уште една обнова на конаците.
„Во догледно време треба да направиме осум апартмани на вториот кат од конакот. И верски и туристички да биде, да може да се дојде, да се создаде навика кај луѓето да се доаѓа и во лето“, изјави Живко Коцевски, домар на манастирот.
Со ова Попова Шапка докажува колку е атрактивна и привлечна не само во зима туку и во лето.
Зоран Јованоски
