воен конфликт

Русија ја нападна Украина во текот на ноќта, погодена зградата на Владата

07.09.2025 12:10

Со над 800 беспилотни летала и ракети Русија ја нападна Украина во текот на ноќта. На удар Киев, за првпат погодена зграда на Владата. Најмалку три лица загинаа, а 18 се повредени. Сирени за воздушна тревога активирани во поголемиот дел од земјата, десетици станбени објекти се опожарени. Полска повторно превентивно ги активираше своите и сојузничките борбени авиони...

Ескалираа нападите во Украина. Русија лансираше повеќе од 800 беспилотни летала и ракети во текот на ноќта. Сирени за воздушна тревога активирани во поголемиот дел од земјата. Погодени станбени објекти и зградата на владата во Киев. Има загинати и ранети, најмладата жртва е бебе. Според украинските власти, за првпат руски ракети навлегле толку блиску во престолнината.

„Спиев. Ја слушнав експлозијата, куќата се тресеше. Се облеков, излегов да видам. Балконот на шестиот кат гори. Мојот автомобил е оштетен – стаклото е разнесено“, изјави жител на Киев.

И покрај напорите на силите за воздушна одбрана, во Одеса, Кременчук, Кривји Рих, Запорожје, оштетена е цивилна инфраструктура и станбени згради. Соочена со заканата од воздушни напади, Полска ги засили мерките за воздушна одбрана и повторно превентивно ги активираше своите и сојузничките борбени авиони за да го заштити воздушниот простор.

„Имаше напад со беспилотни летала Шахед, и буквално сфативме дека летаат некаде во наша близина. Слушнавме силна експлозија, а потоа нешто долета одозгора, од триесеттиот кат“, изјави жител на Одеса.

Киев возврати со напад врз нафтоводот „Дружба“, кој испорачува нафта во Унгарија и Словачка, предизвикувајќи значителна штета на инфраструктурата. Мал пожар избувна во рафинерија за нафта во Кубан, јужна Русија, откако се урна украински дрон, соопштија локалните власти. Зеленски го обвини Путин дека ја продолжува војната.

„Еден од главните приоритети за целата наша работа со партнерите е поголема заштита на нашиот воздушен простор, заштита од руски бомбаши самоубијци и руски ракети. Во текот на целиот ден имаше напади врз Запорожје, Херсон и други градови и заедници. Оваа руска закана е присутна секој ден, што значи дека секој ден мора да ја зајакнуваме Украина“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Украинскиот претседател ги повика сојузниците да спроведат се што е договорено со „Коалицијата на подготвените“ во Париз неделава. 26 земји ветија гаранции за Киев по војната. Шефот на Белата Куќа уверува дека и САД се подготвени за гаранции и покрај тоа што Путин предупреди дека сите странски трупи на украинска почва ќе се сметаат за легитимна цел.

 

Маријана Димовска