прислушкување

Димовски за „360 степени“ тврди дека Мицкоски не бил предмет на следење

07.09.2025 17:09

Не постојат документи на кои го има името на тогашниот опозициски лидер, тврди ексдиректорот на АНБ, Виктор Димовски, за чие работење Обвинителството отвори предистражна постапка. Тој бара документите да станат јавни, бидејќи немал увид во нив. Пратеници на собраниската комисија идната недела ќе влезат во просториите на Агенцијата за да извршат увид...

Нема документи кои укажуваат на следење и прислушување на тогашниот лидер на опозицијата, тврди поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски, во интервју за „360 степени“. Ова е прв ваков јавен настап на Димовски, по брифингот во АНБ на кој беше соопштено дека сегашното раководство на Агенцијата доставила три известувања до Обвинителството за еден поранешен директор и група вработени поради индиции за незаконско, непрофесионално и неетичко постапување. Според Димовски доколку навистина постои, власта треба да одлучи да се декласифицира документацијата и да се објави. 

Во владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ пак велат СДС призна дека преку двете агенции за безбедност го прислушувале и следеле претседателот Мицкоски.

Во СДСМ велат случајот во АНБ која сакаа да го претстават како афера очигледно со месеци го спремале за пред избори.

Министерот Тошковски верува дека во моментов не е прислушкуван, ниту пак дека постојат злоупотреби во тајните служби спротивни на закон, за да биде прислушкуван било кој новинар или јавен функционер.

Во среда во Собранието е закажана Комисијата за надзор на работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање на која е предложен заклучок да се изврши надзор над работата на Агенцијата во нејзините простории.

 

Игор Панов