Македонија

Тошковски за РСЕ: Трагедијата во Кочани покажа дека треба да имаме огромни реформи во иднина

07.09.2025 17:31

Трагедијата во Кочани покажа дека треба да имаме огромни реформи во иднина, вели министерот за внатрешни работи Тошковски во интервју за Радио Слободна Европа. Според него, неопходна е реорганизација на Министерството, дополнително да се инвестира во човечки ресурси, во опрема и да се зголемат техничките капацитети во рамки на МВР …

Трагедијата во Кочани покажа дека е потребно да се направат многу крупни реформи и тотална реорганизација на Министерството за внатрешни работи, вели Тошковски во интервју за Радио Слободна Европа.

Откако се случи трагедијата, министерот Тошковски размислувал да си поднесе оставка од морални причини, но го предомислил родителот на загинатиот полицаец во пожарот.

Првиот човек на МВР уверува дека „Безбеден град“ ќе профункционира од први јануари 2026-та. Ќе се регистрираат сообраќајните прекршоци кои се најбројни и најмногу влијаат на предизвикување тешки телесни повреди, како возењето со брзина над дозволената. Се предвидуваат и казни за пешаци кои користат електронски уреди на несоодветно место.

„Пешак ќе се казнува исклучиво само доколку е учесник во сообраќај, пак повторувам, преминува на пешачки премин, преминува велосипедска патека или пак се движи на коловоз каде што нема тротоар, а притоа користи електронски уреди“, вели Тошковски.

Според Тошковски, мал дел од службените возила се одбележани со таблички во црвено-жолта боја за да бидат видливи со што би се намалила можноста за злоупотреба и корупција. Не знае дали пред изборите сите службени возила ќе бидат соодветно одбележани.

 

Ирина Гелевска