Украина

Животот во завојуваниот Доњецк

24.08.2014 16:45

Не попуштаат борбите на истокот на Украина меѓу украинските сили и проруските бунтовници. Паѓаат жртви од двете страни. Додека украинските власти стравуваат од непредвидливоста на Русија, и ги планираат следните чекори, продолжува секојдневнието на оние граѓани во најпогодените области коишто и покрај борбите решиле да останат во своите домови.

Стравот од постојаните напади го принудил ова многу члено семејство да живее под ист покрив. Меѓутоа, имаат различни ставови за кризата што е закана за поделби. Александар Кобзев, свештеник и таксист, ја брани владата во Киев, којашто во моментот го бомбардира градот.

„Во која земја човек мора да земе пушка в раце и да работи на поделба на сопствената земја? Дали ќе му биде дозволено?“, вели Александар Кобзев, свештеник.

Спротивставено мислење има поранешната сопруга на братучед на Александар. Нејзиниот син неодамна загинал како војник на страната на проруската бунтовничка армија.

„Погледни го мојот дом. Јас не сум сепаратист и немам оружје“, Наташа Кобзева, жител на Доњецк.

Наташа Кобзева во моментите кога било бомбардирано нејзиното маало била во својот дом. За среќа, останала жива, но била сведок на уривањето на стан во непосредна близина.

„Овде паднала граната. Слушнав силен звук над мојата глава. Слушнав како влезе преку покривот. Се беше уништено. Силината на ударот ме фрли онаму“, Наташа Кобзева, жител на Доњецк.

Денес областа каде што живеат Кобзеви е помалку или повеќе напуштена. Многумина побарале засолниште кај роднини и пријатели. Доњецк повеќе од 4 месеци е под контрола на бунтовниците.. Вчера светот го обиколи веста за 4-ца нови загинати и како нивните тела лежат прекриени со чаршафи измачкани со крв на улица во центарот на градот.

Марина Автовска