Ден на независноста

Македонија 34 години независна и суверена држава

08.09.2025 08:35

Со почеток во 10 часот, Македонската телевизија ќе врши директен пренос од свечената академија „Од сон до реалност, за вечност“, која ќе се одржи во Македонската филхармонија, на која обраќање ќе има премиерот Христијан Мицкоски.

Македонија одбележува 34 години самостојна и суверена држава. На 8-ми септември 1991-ва година беше спроведен Референдум, на кој над 95 насто од граѓаните се изјаснија за независна држава. На 17-ти ноември 1991-ва беше усвоен Уставот, а следуваше и монетарно осамостојување и воведување на денарот.

Во изминативе 34 години самостојност, Македонија помина низ низа предизвици. Грчкото ембарго, косовската бегалска криза во 1999-та, воениот конфликт 2001-ва. Рамковниот договор донесе мир и ги уреди правата на етничките заедници во земјава со промени во Уставот.

Се случи атентат врз тогашниот претседател Киро Глигоров, кој никогаш не беше разјаснет. Во неразјаснети околности, во 2004-та загина претседателот Борис Трајковски на Ротимње, близу Мостар.

Со Грција беше потпишан Преспанскиот, а со Бугарија, Договорот за добрососедство. Македонија стана 30-та земја-членка на НАТО во 2020-та година, но сè уште е пред вратите на Европската унија.

Прво внесување на Бугарите во Уставот, па членство во Европската унија, Софија го блокира процесот, а Скопје бара цврсти гаранции дека нема да има вето.

Од 1990-та досега се одржаа седум претседателски и 11 парламентарни избори. На последните, Гордана Сиљановска-Давкова избрана за прва жена претседател, Македонија ја доби 20-та по ред Влада, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е 13-тиот премиер.

Со почеток во 10 часот, Македонската телевизија ќе врши директен пренос од свечената академија „Од сон до реалност, за вечност“, која ќе се одржи во Македонската филхармонија, на која обраќање ќе има премиерот Христијан Мицкоски.

Преносот може да го следите на следниот ЛИНК.