Свет

Трамп верува во решение меѓу Киев и Москва

08.09.2025 09:07

Шефот на Белата куќа вели дека наскоро ќе разговара и со рускиот претседател Путин и сигнализираше дека Вашингтон е подготвен за втора фаза од санкции за Москва. САД бараат поголема поддршка од ЕУ за воведување секундарни тарифи за земјите што купуваат руска нафта.

Расте притисокот за ставање крај на војната во Украина. Шефот на Белата куќа вели дека наскоро ќе разговара и со рускиот претседател Путин и сигнализираше дека Вашингтон е подготвен за втора фаза од санкции за Москва. САД бараат поголема поддршка од ЕУ за воведување секундарни тарифи за земјите што купуваат руска нафта.

„Многу наскоро. Во текот на следните неколку дена. Ќе го завршиме тоа. Ситуацијата меѓу Русија и Украина, мора да ја завршиме. Уверен сум дека ќе ја завршиме“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Русија нападна термоцентрала во регионот Киев, откако викендов изврши масовен напад со беспилотни летала и ракети при што загинаа четири лица, а беше оштетена клучна владина зграда во престолнината. Со нападите, Русија го тестира светот, став на украинскиот претседател.

„Ова е јасен знак дека Путин го тестира светот – дали ќе го прифатат или ќе го трпат. Затоа, важно е изјавите на лидерите, државите и институциите да бидат проследени со силни акции, санкции против Русија, против поединци поврзани со Русија и силни тарифи и други ограничувања за трговијата. Путин не сака преговори, очигледно се крие од нив“, нагласи Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Генералштабот на Украина објави успеси во регионот Донецк, откако претходно властите предупредија дека руската воена команда веројатно подготвува а голема офанзивна операција.