Вевчани прераснува во спортско-туристички центар
Премиерот Никола Груевски при денешната обиколка на струшкиот регион се увери во постојаното инвестирање во спортската инфраструктура како еден од условите за развој на здрава млада популација и за спречување на миграцијата преку создавање поповолни животни услови.

Вевчани е на добар пат да го развива и спортскиот туризам. Новата повеќенаменска спорстска сала што ќе биде готова за три месеци ќе ги привлече младите од регионот кои на надморска височина од 850 метри, во прекрасен природен амбиент ќе спортуваат и ќе рекреираат.
„Ова е можност за развој на спортскиот туризам, тука е и тениското игралиште, одма ќе започне и повеќенаменското игралиште, тука се и училиштето и детската градинка и затоа ова ќе биде комплекс образовен и спортско рекреативен, рече градоначалникот на Вевчани, Цветомир Угриновски.
Вложувањето во спортската инфрастрултура е еден од најзначајните развојни сегменти на спортот, во што се инвестира последниве години.
На пуштањето во употреба на реконструираното спортско игралиште во Октиси, директорот на Агенцијата за спорт и млади најави уште неколку значајни спортски инвестиции во руралниот дел на општина Струга.
„Во моментов во завршна фаза се градежните активности за изградба на повеќенаменско спортско игралиште во село Лабуништа, исто така имаме избрано изведувачи и надзорен орган за реконструкција на фудбалското игралиште во село Мороишта и повеќенамнски спортски терен во село Нерези“, рече директорот на агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.
Во струшкиот регион има и неколку значајни инвестиции од образованието. Во моментов завршена е реконструкцијата на средното училиште „Ибраим Темо“ во кое за обновување на столаријата, прозорците и за фасадата се вложени 13 милиони денари. Министерот Адеми најави натамошна поддршка на условите во образованието.
„Сметаме дека со ова даваме допринос за поквалитетно образование, подобри услови за учениците и наставниците и ова нема да биде последен проект заова училиште и за Струга, туку ќе продолжиме и наредната година со цел да создаваме подобри услови за училиштето“, рече Абдулаким Адеми, министер за образование и наука.
Сиве овие инвестиции кои денеска ги обиколи и премиерот Никола Груевски ќе придонесат за поуспешно анимирање на младите од струшко во сопствената средина.
Јованчо Наумоски
