Македонија

34 години независност: Мицкоски повика на обединување и заедништво

08.09.2025 11:36

„Независноста не е само потпис на хартија – таа е жртва, борба и љубов кон оваа света земја. Тоа е аманет од нашите предци и завет пред идните генерации. Да се обединиме“, порача премиерот Христијан Мицкоски на централната свеченост...

„Независноста не е само потпис на хартија – таа е жртва, борба и љубов кон оваа света земја. Тоа е аманет од нашите предци и завет пред идните генерации. Да се обединиме“, порача премиерот Христијан Мицкоски на централната свеченост по повод 34 години од осамостојувањето на Македонија.

Тој нагласи дека 8-ми септември не е само датум, туку резултат на вековната борба на македонскиот народ, а денес повторно се бара храброст и одлучност за правилни избори – работа, заедништво и иднина за децата. Осврнувајќи се на изминатите три и пол децении, Мицкоски рече дека најголемото разочарување за граѓаните останува неправдата и чувството дека системот е заробен од криминал и политички злоупотреби.

„Мора да се смени впечатокот дека богатите кои нечесно заработуваат не лежат во затвор. Правдата не смее да прави разлика кој од каде е или колку има, туку само дали го прекршил законот“, изјави тој, најавувајќи неселективна правда и подобар животен стандард.

Мицкоски порача дека не е на функцијата за лични интереси, туку за да остави трага за народот и иднина за поколенијата.

„Нашата татковина има иднина, и сите ние мораме да придонесеме. И јасно да зборуваме за работите кои се закана за нашето општество“, нагласи Мицкоски.