Русија-Украина

Расте притисокот за крај на војната

08.09.2025 12:21

Шефот на Белата куќа вели дека наскоро ќе разговара и со рускиот претседател Путин, но и предупреди дека Вашингтон е подготвен за втора фаза од санкции за Москва. Трамп е уверен дека ќе има решение меѓу Русија и Украина, но призна дека конфликтот се покажал како потежок за решавање отколку што очекувал.

Расте притисокот за ставање крај на војната во Украина. Шефот на Белата куќа вели дека наскоро ќе разговара и со рускиот претседател Путин, но и предупреди дека Вашингтон е подготвен за втора фаза од санкции за Москва. Трамп е уверен дека ќе има решение меѓу Русија и Украина, но призна дека конфликтот се покажал како потежок за решавање отколку што очекувал.

„Многу наскоро. Во текот на следните неколку дена. Ќе го завршиме тоа. Ситуацијата меѓу Русија и Украина, мора да ја завршиме. Уверен сум дека ќе ја завршиме“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

САД бараат поголема поддршка од ЕУ за воведување секундарни тарифи за земјите што купуваат руска нафта.

„Ако САД и ЕУ воведат повеќе санкции, секундарни царини за земјите што купуваат руска нафта, руската економија ќе биде во целосен колапс, а тоа ќе го донесе претседателот Путин на масата за преговори“, нагласи Скот Бесент, секретар за финансии на САД.

Притисокот врз Русија мора да се зголеми. Од ЕУ велат дека новите санкции против Москва се координираат со САД. Брисел го подготвува својот 19-ти пакет санкции.

„Она што го правиме со САД е координирање на напорите за усогласување на нашите санкции за да бидат поефикасни и да извршиме поголем притисок врз Русија и претседателот Путин конечно да прифати да дојде на мировни преговори со претседателот Зеленски. Мора да ја запреме оваа војна“, изјави Антонио Коста, претседател на Европскиот совет.

Русија нападна енергетска инфраструктура во регионот на Киев, откако викендов изврши масовен напад со беспилотни летала и ракети при што загинаа четири лица, а беше оштетена клучна владина зграда во престолнината. Со нападите, Русија го тестира светот, став на украинскиот претседател.

„Ова е јасен знак дека Путин го тестира светот – дали ќе го прифатат или ќе го трпат. Затоа, важно е изјавите на лидерите, државите и институциите да бидат проследени со силни акции, санкции против Русија, против поединци поврзани со Русија и силни тарифи и други ограничувања за трговијата. Путин не сака преговори, очигледно се крие од нив“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Генералштабот на Украина објави успеси во регионот Донецк, откако претходно властите предупредија дека руската воена команда ги прегрупира и засилува трупите во западниот дел од регионот Донецк, веројатно како подготовка за голема офанзивна операција.

Маријана Димовска