Протести и контрапротести во Србија
Белград повторно блокиран. Студенти против пендрекот, власт против блокадите. Илјадници на улица, два табора – еден за автономија, друг за стабилност. Судири, повредени полицајци и порака од Вучиќ: Законот се враќа во институциите…

Белград денес повторно е блокиран. Под слоганот „Во понеделник се застанува“ студентите и граѓаните што ги поддржуваат најавија протест пред Владата, прошетка до Палатата на правдата, зградата на полициската единица ЈСО и до Секторот за внатрешна контрола на полицијата. Протестот се организира поради бруталната акција на полицијата во петокот во Нови Сад и нарушување на автономија на универзитетите и е со порака дека „Индексот е посилен од пендрекот“.
Вчера над 120.000 граѓани и поддржувачи на претседателот Александар Вучиќ што се залагаат за сигурност и стабилност се собраа во 111 градови под слоганот „Стоп на блокадите“. Во исто време, паралелно, беа организирани и контрасобири, а во Ниш, Шабац, Чачак, Косјериќ и други градови двете групи се соочија една со друга, дојде и до инциденти, тројца полицајци се повредени, од кои еден се наоѓа во тешка здравствена состојба.
„Дојде време законот да се врати во институциите и државните органи да почнат да го спроведуваат законот. Во наредните денови и недели, граѓаните ќе можат да видат промени во системот, но и повикување на одговорност на сите оние кои извршиле кривични дела и ги прекршиле прописите“, изјави претседателот Вучиќ.
Тој исто така рече дека неговиот повик за дијалог кој го упати до студентите е секогаш отворен.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
