Храбриот Марко од Охрид успешно го заврши 15-от подвиг
Со ретка болест и повреда на рамо храбриот Марко Пејчиноски од Охрид успешно заврши уште еден подвиг, модифициран „Ајронмен“ триатлон. Со ова уште еднаш докажа дека нема невозможни подвизи, само е потребно пожртвуваност и труд.

19-годишниот Марко Пејчиноски, храброто момче од Охрид со ретка болест, успешно заврши уште еден подвиг. Модифициран „Ајронмен“ триатлон, во должина од 107 километри, трчање, возење велосипед и пливање.
Поради болеста плива само со раце, но после повредата во сообраќајка овој пат од Свети Наум до Охрид пливал само со една рака. Целта е да докаже дека нема невозможни подвизи се што се сака може да се оствари со многу труд и пожртвуваност.
„Оваа година можеби имав 20 тренинзи со пливање, од кои сите 20 мораа да се прекинати поради болки во рамото, и не бев воопшто спремен за пливањето. Како што знаете, не пливам со нозе, пливам само на раце, а на шестиот завеслај ми откажа левото рамо, и морав да пливам само со една рака, од Свети Наум до Охрид, тоа беше најтешкиот дел“, вели Марко Пејчиноски.
Марко е најмладиот маратонец кој на само 12 години го преплива Охридското Езеро и прв во историјата го преплива езерото во две насоки. Од Охрид до Свети Наум и назад. Најголема поддршка се татко му и брат му.
„Потрага по желба за живот, бидејќи јас во минатото кога бев дете сакав да сум фудбалер, но кога ми соопштија дека имам ретка болест, дека нема да можам веќе да трчам, некако го најдовме пливањето како единствен спорт кој нема замарање на ногата. Започна прво со малиот маратон, потоа прерасна желбата во нешто поголемо“, вели Пејчиноски.
Марко е момче со „челично срце“, ова е петнаесеттиот успешен подвиг за препливување на езерото на различни релации, засега не го открива следниот, но вели сигурно ќе биде после оздравување на рамото.
Соња Рилковска
