Независна Македонија изоде тежок пат, евроинтеграцијата е следната стратешка цел која ќе се оствари
Од првиот говор на Глигоров, преку трагичната смрт на Трајковски, до чекорите на првата експертска влада – независна Македонија изоде тежок пат. Со блокади, ултиматуми, вета и нови услови. Денес, повторно пред крстопат – со надеж за ЕУ, но и со ново барање за уставни измени…

„Да Ви честитам на Вас сите и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, слободна, суверена и самостојна Македонија“-одекнаа силно овие зборови пред 34 години кога Македонија стана независна држава.
Првиот претседател Киро Глигоров ѝ соопшти на домашната и на меѓународната јавност дека се оствари вековниот сон. Три и пол децении подоцна му се поклонуваме на вечното почивалиште. Со остварувања на дел од зацртаното, но со надежи за подобро што нè натежнуваат. Политичарите сметаат дека евроинтеграциите се следната стратешка цел која ќе се оствари.
За демократска, напредна и Македонија во која ќе владее правото силно се залагаше и претседателот Борис Трајковски кој загина во авионска несреќа и за жал, не дочека да ја види земјава како членка на НАТО. Цвеќе и на гробот на премиерот на првата експертска влада, Кљусев кога државата ги правеше детските чекори во независност. Сепак, голема е вербата дека сме на прав пат дури и од перспективата на еден од пратениците во првиот состав.
По осамостојувањето земјава се соочи со блокади, ултиматуми, бегалски кризи и конфликт во 2001-вата, потоа со вето за влез во НАТО, а сега за влез во ЕУ. На овој пат заради компромис и напредок беа сменети знамето и името и беа направени многу други отстапки. Уставот претрпе неколку измени, а сега земјата се соочува со уште едно барање за негова измена од соседна Бугарија како услов за влез во ЕУ.
Фиљана Кока
