Мицкоски: Приоритет е ЕУ, но патот да е достоинствен
Наш приоритет се европските интеграции, но тој пат не смее повеќе да биде срамен, туку достоинствен, порача премиерот Мицкоски во обраќањето на централната свеченост за 34 години независност...

Македонија ја има сè помалку – порача премиерот Христијан Мицкоски на централната свеченост за 34 години независност. Со статистики за празни училници и исчезнати генерации, премиерот предупреди дека наталитетот е најголемиот предизвик за опстанокот на државата. Ветува визија во која детската насмевка ќе биде најголемата вредност и економија што ќе ја врати надежта дома.
Наш приоритет се европските интеграции, но тој пат не смее повеќе да биде срамен, туку достоинствен, порача премиерот Мицкоски во обраќањето.
„Наш приоритет се европските интеграции. Биле, се и ќе останат врвен приоритет, но тој пат не смее повеќе да биде срамен, треба да биде достоинствен. Треба да биде пат во којшто ќе бидеме рамноправни со сите останати европски народи, а не понижени и засрамени како што за жал сите од нас се чувствуваме“ – рече премиерот.
Во однос на предлогот за црвени линии во преговорите со Бугарија иницирана од претседателот на СДСМ Венко Филипче, Мицкоски истакна дека е во исчекување на предлогот нагласувајќи дека додека тој е претседател на Владата нема да има никакви игри со вакви прашања.
Премиерот во говорот на свечената академија се осврна и на наводите за нелегалното прислушување и злоупотреба на системот, и кажа дека одговорност мора да има и оти „оваа работа нема да се стави под тепих“.
Известува Анита Димитријевска-Велковска
