34 години независна Македонија

Мицкоски: Наталитетот е најголемиот предизвик за опстанокот на државата

08.09.2025 16:56

Полна сала, гласен аплауз, химна и пораки. Македонија ја има сè помалку – порача премиерот Христијан Мицкоски на централната свеченост за 34 години независност. Со статистики за празни училници и исчезнати генерации, премиерот предупреди дека наталитетот е најголемиот предизвик за опстанокот на државата. Ветува визија во која детската насмевка ќе биде најголемата вредност и економија што ќе ја врати надежта дома...

Пред 34 години се случи историска пресвртница. Одекна гласот на илинденците, асномците и сите кои споделуваа визија за независна Македонија. Кога се распаѓаше југословенската држава, а нејзини народи станаа непријатели, Македонија го зачува мирот – истакна во празничниот говор, премиерот Мицкоски. Се осврна и на системот кој потфрлил и на разочараноста на луѓето од погрешните политики во минатото.

Одговорност ќе има за случајот со прислушувањето, порача Мицкоски. Рече – не е прашање дали ќе се декласифицираат документите на АНБ, туку како да се спречат злоупотребите.

Евроинтеграциите остануваат приоритет, но патот до целта не смее да биде срамен, порача Мицкоски. Рече не ја добил резолуцијата што ја подготвува СДСМ, но додека е премиер нема да дозволи игри со државните интереси.

Мицкоски говореше и за наталитетот, за поддршка на младите да останат во земјава, преку политики кои креираат економскиот раст и повисок животниот стандард.

Анита Димитријевска – Велковска