Македонија со богата програма го одбележа Денот на независноста на ЕКСПО 2025
Македонија со свечена програма го одбележа 8 Септември – Денот на независноста на ЕКСПО Осака 2025...
Македонија со свечена програма го одбележа 8 Септември – Денот на независноста на ЕКСПО Осака 2025, еден од најголемите светски настани, пред бројна меѓународна публика.
Настанот понуди автентично претставување на македонската култура, традиција и современо уметничко творештво. Во културно-уметничкиот дел настапија оперските уметници Ана и Игор Дурловски со камерниот оркестар „Ајга“, изведувајќи македонски народни песни во современи обработки на композиторот Сони Петровски.
Познатиот џез-гитарист Владимир Василевски – Четкар со својот концерт ја претстави спојката меѓу македонската музичка душа и светските ритмови, а Кирил Џајковски со својот бенд ја пренесе енергијата на модерното музичко изразување.
Голем интерес предизвика и изложбата посветена на јапонскиот архитект Кензо Танге, кој со својот план за реконструкција на Скопје по земјотресот во 1963 година остави траен печат како пример за архитектонско и урбанистичко визионерство.
Македонскиот павилјон, кој во просек го посетуваат над 30.000 луѓе дневно, нуди богат приказ на културното наследство, туристичкиот потенцијал, природните убавини, објектите под заштита на УНЕСКО, како и македонската гастрономија.
Со ваквото претставување, Македонија испрати порака за својата културна разновидност, креативност и современ дух, презентирајќи се пред светот како земја со длабоки традиции и отвореност кон иднината.
