БЛИСКИ ИСТОК

Нетанјаху најави жестока офанзива во Газа по вчерашниот терористички напад во Ерусалим

09.09.2025 09:21

Израел се закани дека ќе ги интензивира нападите во Газа по вчерашниот терористички напад во источен Ерусалим. Меѓународните организации предупредија за опасноста од новото раселување на Палестинците. Европа мора да направи повеќе за да донесе мир и да ја заврши војната во Газа“, став на претседателката на Европарламентот…

Растат тензиите на Блискиот исток. Израел им порача на жителите на Газа да го напуштат градот и предупреди дека ќе ги интензивира воздушните напади и копнените операции. По вчерашниот терористички напад во Источен Ерусалим, премиерот Нетанјаху, вети дека ќе ја ескалира воената акција. Израелскиот министер за одбрана се закани со моќен ураган доколку Хамас не ги ослободи последните заложници и не се предаде.

„Мојата инструкција е да се дејствува со полна сила против гнездата на теророт. Само што го евакуиравме населението оттаму. Ова е само почеток на нашата главна интензивна активност. Сакам жителите на Газа да ме слушнат – бидете внимателни“, порача израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

Европа мора да направи повеќе за да донесе мир и да ја заврши војната меѓу Израел и Палестина, став на претседателката на европарламентот, Мацола.

„Не можеме да дозволиме нормализација на ужасот што го гледаме. Ситуацијата е неодржлива и неприфатлива. Многумина сè уште се држат во заробеништво. Премногу бомби се фрлени. Премногу деца сега ја познаваат војната и гладта. Мора да има политичко решение што ќе стави крај на насилството и теророт и ќе ги врати заложниците. Ни треба прекин на огнот и вистинска перспектива кон решение со две држави“, истакна претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.

ООН предупреди за хуманитарната состојба на населението кое одново се сели на југ.

„Во услови на тековната офанзива во Газа, израелската војска издаде повеќе наредби во текот на изминатите денови луѓето да ги напуштат одредени згради во градот Газа, предупредувајќи за непосредни напади. Луѓето имаат очајна потреба од храна, вода и засолниште. Потребно е многу повеќе за да се поддржат повеќе од стотици илјади луѓе во сите делови на Појасот Газа, северно и јужно, бидејќи многумина постојано се раселуваат, изјави портпарол на ООН, Сефан Дујарик.

И шефот на Белата куќа упати последно предупредување до Хамас да се согласи на договор за ослободување на заложниците. Од милитантната група возвратија дека се подготвени да седнат на преговарачка маса.

Маријана Димовска