Регион

Европскиот парламент заседава за употребата на сила над демонстрантите во Србија, реагираше и Марта Кос

09.09.2025 12:42

Навредите што српскиот претседател Александар Вучиќ ги упати до европратениците кои беа на протестот во Нови Сад предизвикаа досега најбрутална реакција во Брисел.

Десетмесечните протести, блокади, апсења, полициските дејствија во Србија се заострија во август и кулминираа во петокот во Нови Сад со брутална употреба на полициска сила. Навредите што српскиот претседател Александар Вучиќ ги упати до европратениците кои беа на протестот во Нови Сад предизвикаа досега најбрутална реакција во Брисел.

Кос ја советуваше српската влада да се посвети на реформите во правосудството, борба против корупцијата, независните медиуми, на изборниот законик.

За употребата на сила против демонстрантите во Србија заседава и Европскиот парламент каде Марта Кос пред европратениците ја презентира ситуацијата.

Европските зелени пред дебатата соопштија дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, мора да заземе јасен став за Александар Вучиќ и дека тој не смее да се чувствува недопирлив.

„Би сакал да кажам дека Вучиќ создава дополнителни тензии и конфузија затоа што не е можно да се затвораат очите пред некој што оди во Кина, се ракува со Путин, а потоа се ракува и со нас. Ова ги загрозува не само граѓаните на Србија, туку и нашата иднина и интегритет. Мораме да видиме што се случува со луѓето, со слободата на медиумите, да ги отвориме очите и да видиме дека луѓето очекуваат нешто да се случи“, изјави Вула Цеци- европратеник, Европски зелени.

Реагираше и претседателот на пратеничката група на Европската народна партија Манфред Вебер кој најави дека иднината на Српската напредна партија во Европската народна партија ќе биде тема на дискусија наредните денови.

Во Стразбург е и српската опозиција која побара санкции за политичарите од власта и за шефовите на полицијата.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ