ИЗРАЕЛ

Израел се закани дека ќе ги интензивира нападите во Газа по вчерашниот терористички напад во источен Ерусалим

09.09.2025 18:18

Израел се закани дека ќе ги интензивира нападите во Газа по вчерашниот терористички напад во источен Ерусалим.Издадена нова наредба за евакуација. Меѓународните организации предупредија за опасноста од новото раселување на Палестинците. „Европа мора да направи повеќе за да донесе мир и да ја заврши војната во Газа“, став на претседателката на Европарламентот...

Растат тензиите на Блискиот исток. Израел им порача на жителите на Газа да го напуштат градот и предупреди дека ќе ги интензивира воздушните напади и копнените операции.

„Израелската одбрана е решена да се справи со Хамас и дејствува со невидена сила низ целата област на градот Газа. Евакуацијата е неизбежна. Останувањето во областа е исклучително опасно. За ваша безбедност, веднаш евакуирајте се“, изјави Авичај Адрае, портпарол на израелската одбрана.

По вчерашниот терористички напад во Источен Ерусалим, премиерот Нетанјаху, вети дека ќе ја ескалира воената акција. Израелскиот министер за одбрана се закани со моќен ураган доколку Хамас не ги ослободи последните заложници и не се предаде.

„Мојата инструкција е да се дејствува со полна сила против гнездата на теророт. Ова е само почеток на нашата главна интензивна активност. Сакам жителите на Газа да ме слушнат – бидете внимателни“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Европа мора да направи повеќе за да донесе мир и да ја заврши војната меѓу Израел и Палестина, став на претседателката на европарламентот.

„Не можеме да дозволиме нормализација на ужасот што го гледаме. Ситуацијата е неодржлива и неприфатлива. Мора да има политичко решение што ќе стави крај на насилството и теророт и ќе ги врати заложниците. Ни треба прекин на огнот и вистинска перспектива кон решение со две држави“, изјави Роберта Мецола, претседателка на Европскиот парламент.

ООН предупреди за хуманитарната состојба на населението.

„Луѓето имаат очајна потреба од храна, вода и засолниште. Потребно е многу повеќе за да се поддржат повеќе од стотици илјади луѓе во сите делови на Појасот Газа, северно и јужно, бидејќи многумина постојано се раселуваат“, изјави Сефан Дујарик, портпарол на ООН.

И шефот на Белата упати последно предупредување до Хамас да се согласи на договор за ослободување на заложниците. Од милитантната група возвратија дека се подготвени да седнат на преговарачка маса.

Маријана Димовска