Бизнис заедницата со кампања за помош на „Макпрогрес“
Бизнис заедницата се обединува за помош на „Макпрогрес“ со кампања за зголемена домашна потрошувачка на нивните производи. Увидните дејствија се во тек, материјалната штета допрва ќе се утврдува. Повредените се во стабилна состојба, поголем дел се на домашно лекување …

Стопанската комора во петок ќе ја дефинира кампањата за засилена продажба на производите на „Макпрогрес“ за поддршка после пожарот кој уништи дел од имотот и современите производни линии за пекарски и кондиторски производи.
Стимулирањето на зголемената домашна потрошувачка на производите на „Макпрогрес“ според проекциите на менџаментот на компанијата, а во координација со активностите во Комората може да биде сериозна поддршка за обезбедување опстанок на фабриката, но најбитно и единствен начин за задржување на сите работници на работа во компанијата со што нема да се предизвика негативен ефект врз вработените и нивниот животен стандард-сметаат од Стопанската комора.
Увидните дејствија од кочанското обвинителство и вешти лица се во тек. Обезбедени се снимки од видеонадзор и се преземаат други дејствија за испитување на настанот. Виничките пожарникари се на 24 часовна интервенција во „Макпрогрес“, бидејќи чад сè уште има. 26 возила и 56 пожарникари од источниот регион беа вклучени во гасењето на пожарот.
Тринаесетте хоспитализирани се во стабилна состојба. Пожарникарите со изгореници од кочанската болница се пуштени на домашно лекување, како и дел од вработените кои заради вдишан чад беа лекувани на Клиниката за токсикологија во Скопје.
Славица Величковска
